Измени и дополнување на Законот за ДДВ

6 Окт, 2023

Во Службен Весник на Република Северна Македонија во број 199/2023 од 25.09.2023 година, објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност. Со измените и дополнувањата се дополнуваат одредбите за тоа што преставува промет на добра, се дополнуваат и допрецизираат услугите кои се вршат по електронски пат, се пропишува солидарна одговорност на сите лица во поврзано лице, се дефинира даночниот третман на вредносниот ваучер, се воведува даночен застапник за странски лица кои немааат седиште на територија на РСМ а вршат промет на добра и услуги кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност, се дефинира местото на прометот на услугите, кај производите за човечка исхрана има две групи на прехрамбени производи, се одложува примената на општата даночна стапка за првиот промет на станбени згради и станови до 31.12.2025 година.

ОПИС НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА

Како промет на добра со надомест се сметаат и кусоците на добра кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди) и искажаниот износ на трошок на кало, растур, крш и расипување на добра над нормираните износи на трошок утврдени за соодветната стопанска дејност, под услов истите да не се настанати како резултат на вонреден настан или виша сила.
Како промет на услуги се сметаат и вршењето на телекомуникациски услуги на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, вклучувајќи го и поврзаниот пренос или доделување на правото да се искористи капацитетот за таков пренос, емисија или прием, со вклучување на обезбедувањето пристап до глобалните информативни мрежи и Вршење на промет на услуги по електронски пат за: изработка на веб-страници, веб-хостинг, одржување на програми и опрема на далечина, софтвер и негово ажурирање, слики, текст и информации и ставање на располагање на бази на податоци, музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања и настани и настава на далечина.

Сите лица во поврзаното лице одговараат солидарно за неплатениот данок на додадена вредност на секое одделно лице во поврзаното лице за периодот во кој се членови на поврзаното лице.

Вредносниот ваучер може да биде еднонаменски или повеќенаменски. Еднонаменскиот вредносен ваучер се смета вредносен ваучер за кој место на промет на добрата, односно место на промет на услугите, на кои се однесува вредносниот ваучер, како и износот на данок на додадена вредност кој треба да се пресмета и плати за прометот на тие добра и услуги е познат во времето на издавање на вредносниот ваучер. Повеќенаменскиот вредносен ваучер е вредносен ваучер кој не е еднонаменски вредносен ваучер. Вредносниот ваучер може да биде во материјална или во електронска форма. За вредносен ваучер не се смета инструмент, кој на имателот му дава право на попуст при купување на добра или услуги, а со кој не е вклучено правото на купување на добра или услуги, како и билетите за превоз, влезници, поштенски марки.

Од 01.01.2024 година странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно со овој закон, има обврска да се пријави за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник. Странското лице се регистрира за целите за данокот на додадена вредност, пред започнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата. Странското лице, може да назначи само еден даночен застапник. Назначувањето на даночен застапник се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација . Даночниот застапник може да биде назначен доколку: е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник, на денот на поднесување на пријавата за назначување на даночен застапник нема доспеани, а неплатени даночни обврски и ако е правно лице да не е започната стечајна или ликвидациона постапка или ако е физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело. Даночниот застапник има обврска за ( пресметување на данокот за поднесување даночна пријава за плаќање на данокот) и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на данокот како и да води евиденциски обврски во име на странското лице. Во случај кога престанува даночното застапување од која било причина, странското лице заради вршење на промет назначува друг даночен застапник со доставување на нова пријава. Даночниот застапник солидарно гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице. Управата за јавни приходи води регистар на даночни застапници.

Исто така од 01.01.2024 година за место на промет на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што даночниот обврзник има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата. За место на прометот на услуги кон лице што не е даночен обврзник, се смета местото каде што вршителот на прометот на услуги има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги. Од наведените две основни правила има и исклучоци – За место на промет на услуга се смета и: местото на прометот каде услугата е извршена кога се работи за услуги кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник од страна на лице кое врши услуга во име и за сметка на друго лице; местото каде што се наоѓа недвижниот имот кога се работи за промет на услуги во врска со недвижен имот, вклучувајќи го и посредувањето при промет со недвижен имот, услугите од страна на експерти и агенти за недвижен имот, проценката на недвижен имот, провизиите за сместување во областа на хотелиерството или слична област како што се сместувачки кампови или локации наменети за кампување кои функционираат како кампови/места за сместување, гарантирање на права за користење на недвижен имот и услуги за подготовка и координација на градежни активности, како што се архитектонски услуги и активности поврзани со надзор на градежни активности; местото каде што превозот на патниците се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на патници; Mестото каде што превозот на добрата се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на добра кон лица што не се даночни обврзници; местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на право на влез на културни, уметнички, спортски, научни, едукативни, забавни или слични настани, како што се саеми и изложби, вклучувајќи и помошни услуги поврзани со истите, извршени кон даночен обврзник; местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на обезбедување на услуги и придружни активности во врска со културни, уметнички, спортски, научни, образовни, забавни или слични активности, како што се саеми и изложби, вклучувајќи ги и услугите на организаторите на наведените услуги, кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник; местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за помошни превозни услуги како натовар, истовар, претовар, складирање или други услуги кои на вообичаен начин се поврзани со превозот, извршени кон лица кои не се даночни обврзници; местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на процена и работи врз движни материјални добра извршени кон лица кои не се даночни обврзници; Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги. По исклучок за место на промет на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги извршени на брод, авион или воз, се смета местото каде што започнува превозот на лица; местото на коешто превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата во случај на краткорочно изнајмување на превозно средство и местото каде што корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште кога се работи за изнајмување на превозно средство, освен краткорочното изнајмување, на лице кое не е даночен обврзник. (Под краткорочно изнајмување на превозно средство се смета поседувањето или користењето на превозното средство во текот на непрекинат временски период не подолг од 30 дена, а кај пловила не подолг од 90 дена.) За место на промет на услугите, извршени кон лице кое не е даночен обврзник, се смета местото во коешто корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште, во случај на: пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и други слични права, услуги на полето на рекламата, услуги на советници, инженери, советодавни фирми, адвокати, сметководители и други слични услуги, како и обработка на податоци и давање информации, банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови, обезбедување персонал, изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства, услуги за посредување за пристап до системи за природен гас или друга слична мрежа, обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови, телекомуникациски услуги, услуги на радио и телевизиско емитување и услуги извршени по електронски пат. (во случај кога вршителот и примателот на услугата комуницираат преку електронска пошта, не се смета дека услугата се врши по електронски пат)

Заради избегнување на двојно оданочување, неоданочување или нарушување на условите на конкуренцијата, министерот за финансии е овластен да го утврди местото на вршењето на одделните услуги според тоа каде била искористена услугата.

Две групи на прехрамбени производи – Во едната даночна група се даночат производи кои се основни прехрамбени продукти со 5% данок за ДДВ, додека пак други производи кои не се сметаат за основни производи за човечка исхрана ќе се даночат со 10 %. Повластена даночна стапка од 5% и за, публикации (се однесува на книги како и електронски/дигитални учебници, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги како и електронски/дигитални учебници за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина), менструални производи, пелети, печки на пелети и котли на пелети и топлинска енергија за греење.

Даночна основа при преносот на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата и во постапка за присилно извршување, претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка освен во случај кога доверителот се стекнува со движниот или недвижниот имот во постапката на присилна наплата и во постапката за присилно извршување, за што даночна основа претставува постигнатата крајна цена. За прометот остварен по пат на лицитација, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка.

Првиот и секој натамошен промет со увезени употребувани патнички моторни возила извршен во рок од три години од денот на увозот, даночната основа не може да биде пониска од вредноста што ја одредил надлежниот царински орган при увозот на возилото.

Во прилог линк до објавата:

http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/979

Доколку ви се допаѓа објавата споделете ја со вашите пријатели на социјалните мрежи